Центар за обука ЕВА | Training Center EVA

Контакт

Центар за обука ЕВА,
Едукативна вокациска асистенција
ул. Костурски херои 60 (поранешна ул. 29 ноември)
1000 Скопје

Телефон

078 23 13 23

Pause | Play
|
Tray Button

English | Македонски

ЕВА

Центар за обука ЕВА (Едукативна вокациска асистенција) е центар за јазични курсеви, преводи и толкување, креативни курсеви и уметност, професионални обуки од различни области во соработка со стручњаци, консултанти и експерти од областите. Нудиме и специјализирани обуки кои вам или на вашата организација ви се потребни за да ги зајакнете човечките ресурси, за да работите со полн капацитет, да бидете поквалитетни и поконкурентни и вашите слабости да ги претворите во нови можности за напредок и успех.

Тим

Ева Нединковска, филолог и музички уметник, е основач на Центарот за обука ЕВА. Како успешна професорка по англиски јазик, преведувачка/толкувачка и музичарка, таа ја поставува визијата и филозофијата на Центарот, ги подготвува наставните програми и ги менаџира курсевите. Дипломира на Катедрата за англиски јазик и книженост на Факултетот "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во 2007 год. како една од првенците и добива признание за постигнат висок успех во студирањето и признание за особен придонес во афирмацијата на Универзитетот како уметник. Моментално е магистрантка по социологија и род (родови студии) на Институтот за општествени и хуманистички истражувања "Евро-Балкан". Како професорка по англиски јазик таа претходно работи во Центар за странски јазици "Биг Бен", а потоа во "ЕТЦ" при Црвен крст на РМ како раководителка на Одделот за англиски јазик. Како преведувачка/конференциска толкувачка од македонски на англиски јазик и обратно работи на многу проекти од ЕУ од областа на НВО секторот, економијата, човечките ресурси, политиката, туризмот итн. Фокус на нејзината предавачка работа во Центарот ЕВА се специјализираните курсеви по англиски јазик, посебно курсот Деловен англиски, подготовките за TOEFL и IELTS и некои од креативните курсеви.

Сандра Нешова Крајчев, професорка и преведувачка/толкувачка, дипломира на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" на Катедрата за англиски јазик и книжевност, каде сега е магистрантка по Конференциско толкување. Моментално работи на нејзината магистерска теза: Политичката терминологија во институциите на Европската унија и соодветните преводни еквиваленти во македонскиот јазик. Таа е овластена судска преведувачка и конференциска толкувачка од македонски на англиски јазик и обратно, а работи и како професорка по англиски јазик во основното училиште Васил Главинов во Велес. Освен општите курсеви по англиски јазик, нејзин фокус во Центарот ЕВА е курсот Англиски јазик за правници и преведување/толкување.

Владимир Ристевски, филолог и преведувач/толкувач, дипломира на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" на Катедрата за англиски јазик и книжевност, каде сега е магистрант по Англиска книжевност. Со значајно искуство како консултант на предавачи по англиски јазик и со искуството стекнато работејќи во Англискиот центар, тој има значаен удел во подготвувањето на курсевите по англиски јазик како немајчин јазик. Тој е искусен конференциски толкувач од македонски на англиски јазик и обратно, овластен судски преведувач, книжевен преведувач, автор на поезија и проза и колумнист. Се здобива со повеќе сертификати од различни области како информатика, комуникациски вештини, продажба и маркетинг, а во Центарот ЕВА покрива повеќе комбинирани курсеви.

Владимир Марковиќ, професор и преведувач, дипломира албански јазик и книжевност и српски јазик и книжевност. Тој има 15 години искуство во предавање на различни курсеви по албански и српски јазик, општи и специјализирани. Во текот на својата кариера обучува огромен број на студенти од различни возрасти и профили. Тој го стекнува своето богато искуство за време на неговата работа во Министерството за одбрана на РМ, Министерството за внатрешни работи, неколку странски претставништва во Македонија, како и во многу приватни школи и јазични центри. Тој има импресивно портофлио на преведувачки проекти од областа на историјата, политиката, економијата, културата, медицината, градежништвото итн. од албански јазик на македонски и обратно и од македоснки на српски јазик и обратно.

Игор Крајчев, професор и писател, е еден од водечките млади писатели во земјава и првиот македонски писател на епска фантастика. Тој е магистрант на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски книжевности на Факултетот "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј". Негови дела, во издание на “Матица Македонска”, се: “Реалности” (2005) – збирка поезија, “Воини и херои” (2007) – епско-фантастичен роман и “Три секунди” (2009) психолошки роман. Тој е потпретседател на Друштвото на писатели на Велес, член на Друштвото на писатели на РМ, член на ОО на Рацинови средби, редовен учесник на Струшки вечери на поезијата и добитник на Деветоноемвриската награда за значаен придонес во афирмацијата на литературата. Моментално работи како директор на Градската библиотека во Велес. Во Центарот ЕВА тој го предава курсот Креативно пишување.

Ивана Поповиќ, професорка и преведувачка, дипломира на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Факултетот "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј". Работи како професорка по италијански јазик и преведувачка од италијански на македонски и обратно. Нејзината преведувачка работа вклучува преводи на книжевни дела и стручни преводи од повеќе области. Своето предавачко искуство го стекнува работејќи во приватни јазични школи, каде обучува лица од различни возрасти од сите нивоа. За доквалификација, таа го надградува своето знаење во Фиренца и Перуџа и се здобива со релевантни јазични сертификати. Моментално работи како професорка по италијански јазик во средното училиште Никола Карев во Скопје. Нејзиниот фокус во Центарот ЕВА е предавање италијански јазик и култура и преведување.

Анета Георгиевска, професорка и преведувачка, дипломира на Катедрата за германски јазик и книжевност на Факултетот "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј". Таа го стекнува своето искуство предавајќи во многу приватни јазични центри и како надворешна предавачка по германски јазик на Архитектонскиот и Градежниот факултет. Таа е овластена судска преведувачка/толкувачка и има богато портфолио од преведувачки проекти, покривајќи ги областите економија, архитектура, градежништво, политика, општествени и хуманистички науки итн. Во Центарот ЕВА таа ги предава општите курсеви по германски јазик и курсот Деловен германски јазик.

Александра Велинова, новинарка и ТВ водителка, завршува студии по новинарство на Правниот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј". Првото новинарско искуство го стекнува во пишаните медиуми "Вечер" и "Дневник". Потоа следи искуството во електронските медиуми, во националната телевизија МТВ, во контактно - забавната редакција како водителка на емисијата "Ѕвон", водителка на утринската програма во Спортско радио "Канал 4", а од отварањето на Алфа ТВ работи како новинарка и водителка на културно - забавната програма "Портик". Покрај нејзиното високо образование и секојдневна работа како во медиумите, таа има и многубројни сертификати и дипломи од семинари за обука на новинари на тема "Обејктивност при информирање", "Надминување на предрасудите при известување" итн. Во Центарот ЕВА таа предава и ја води школата за новинари и водители.

Јордан Тасевски, архитект, завршува средно училиште за применета уметност а потоа завршува студии по архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј". За време на своите студии работи како стручен соработник по предметот Структурни системи и техологија на градба. Во своето искуство вбројува учество на разновидни работилници, летни школи, проекти и изложби за развитокот на македонската современа архитектура и урбаниот развиток на градот Скопје. Својата активност како архитектонски критичар ја истражува преку објавување на текстови во повеќе пишаните медиуми. Во Центар ЕВА тој го држи курсот по цртање и подготовките за примените испити за упис на техничките факултети по предметот цртање.

Љубомир Накевски, професор по гитара, музичкото образование го започнува на 10 годишна возраст во нижото и средно училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Дипломира на "Нов бугарски yниверзитет" во Софија, отсек класична музика, специјалност класична гитара, во класата на познатиот педагог и гитарист Димитар Дојчинов. Зема активно учество на големи фестивали и натпревари за класична гитара во и надвор од земјава постигнувајќи забележителни резултати: Втора награда на 42-от државен натпревар во Скопје 2004 година; Првенец на националниот фестивал-конкурс „Со крилата на музиката“ Софија, Бугарија во 2007 година; Прва награда на 13-от меѓународен натпревар за класична гитара „Марин Големинов“ Ќустендил, Бугарија во 2009 година; Втора награда на меѓународниот фестивал „Гоце Делчев“, Бугарија во 2009 година; Прва награда на 8-от балкански натпревар за класична гитара во Велинград, Бугарија во 20009 година итн. Во текот на своето музичко образование посетува работилници и семинари кај врвни светски гитаристи како: Димитар Дојчинов, Ева Фампас, Герард Рејхенбах, Марко Фери и Томас Оферман. Моментално работи како професор во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Во Центарот ЕВА тој предава гитара и солфеж.

Билјана Ангелеска, сликарка, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Симон Шемов, насока конзервација и реставрација. Таа е членка на ДЛУМ - Друштво на ликовни уметници на Македонија од 2009 година. Членка е и еден од основачите на центарот за културен проток АРТерија – Охрид. Има неколку самостојни изложби во Охрид, Скопје, Битола, Прилеп, Струга и во Бугарија. Учествува на голем број групни изложби во склоп на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и други здруженија во земјава како и во Турција и Албанија. Зема активно учество на колонии и е претставник од Македонија на неколку во Црна Гора и Србија. Во Центарот за обука ЕВА таа ја води школата за цртање и сликање.

Елида Бахтијароска, професорка и преведувачка, има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и е професор по англиски јазик и книжевност. Има тригодишно универзитетско искуство како стручен соработник по сите книжевни предмети на УКИМ и на ФОН. Неколку пати била гостин предавач на Американ Колеџ, каде темите биле спој на лексикологија, синтакса и книжевност. Искуството со предавање англиски јазик опфаќа слушатели од прво одделение до четврта година на факултет. Елида има препеано неколку светски поети за антологиите за Струшките вечери на поезијата, но и домашни поети на англиски. Три години по ред учествувала на преведувачките работилници во склоп на СВП. Освен поезија и проза (кратки раскази), има преведувано и научни трудови и стручна литература од областа на уметноста, физиката и енергетиката. Моментално е магистрант по книжевност при УКИМ. Нејзин фокус во Центар ЕВА се подготовките за полагање на испити по сите книжевности на факлутетите и курсот по англиска и американска драма за деца и тинејџери.

Александра Исаковска, професорка и преведувачка, дипломира на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во 2008 год. италијански јазик и книжевност и шпански јазик и книжевност. Во 2010 год. Магистрира на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и се здобива со титулата магистер по меѓународен маркетинг менаџмент. Како професор по италијански и шпански јазик претходно работи во повеќе приватни школи за странски јазици како “Лингва “ и “Challenge” а исто така и како менаџер за логистика во една странска транспортна фирма користејќи ги странските јазици за меѓусебна соработка со клиентите од Европа. Моментално во Центарот ЕВА нејзин фокус се часовите по шпански јазик и култура, италијански јазик и култура и преводите од македонски на италијански и шпански и обратно.

Ерџан Селим, професор и преведувач, дипломира на катедрата за турски јазик и книженост на Факултетот "Блаже Конески" при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј"- Скопје. Своето предавачко искуство го стекнува работејќи во приватни јазични школи како во НВО "Копру" и "ЕТЦ& при Црвен крст на Р.М., каде обучува лица од различни возрасти од сите нивоа. Тој го стекнува своето професорско искуство низ наставен ангажман по македонско-турски јазик на Универзитетот "МИТ"-Скопје, каде што главна цел му е да им помогне на студентите од Р. Турција да ги совладаат проблемите со македонскиот јазик. Член е на НВО за млади, активно работејќи на теми кои ја опфаќаат прашања кои ја засегаат младата турска популација и стекнува искуство во менаџирање на повеќе проекти од областа на туризмот, образованието, културната размена и соработка со Р. Турцијаза и во истите проекти бил преведувач и претставник на групите. Неговиот главен фокус во Центарот ЕВА се општите и специјализираните курсеви по турски јазик и култура и преводите од македонски на турски и обратно.

Андријана Кастова и Димитар Петровски (Ани и Дими), фотографи специјализирани за модна фотографија и портрети во студиско опкружување или на терен. Со фотографија се занимаваат од младоста, а љубовта кон фотографијата прави тоа да им стане и професија. Пред нивниот објектив досега поминале најуспешните македонски модни дизајнери, речиси сите најквалитетни модели. Автори се на насловните фотографии на албумите на Тони Зен, ДНК, Некст Тајм, Влатко Лозановски и други. Во последните неколку години соработуваа со речиси сите македонски списанија и јавни лица создавајќи интересни едиторијали, насловни страници или фотографии за интервјуа со познатите. Во својата кариера имаат неколку самостојни и групни изложби како и многубројни награди од Македонските конкурси за уметничка фотографија. Нивниот фокус во Центар за обука ЕВА се сите курсеви по фотографија.

Гонца Богоромова, сопран и професорка по соло пеење, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска со највисока оцена Cum – Laude. Таа е активна уметница на музичката сцена во и надвор од Македонија настапувајки како солистка и камерна уметница со еминентни музичари од земјава и како солистка со националните оркестри во Македонија. Членка е на хоровите “Франц Прешерн”, “Моис Хасон” и хорот при храмот на “Рождество на Пресвета Богородица” и на ансамблот “Вокали”. Од 2008 година e ангажирана во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј” во Скопје како професорка по соло пеење. Нејзиниот фокус во Центар за обука ЕВА се часовите по соло пеење.

Дарко Багески, гитарски солист и професор по класична гитара, започнува со свирење гитара од 8-годишна возраст. Своето нижо и дел од средното образование го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски - Луј” во Скопје, во класата за класична гитара кај проф. Ј. Пенов. Средното образование го завршува во Загреб, Хрватска во класата на проф. Џ. Сахатџија, а дипломира на Музичката академија “Франц Лист”во Вајмар, Германија, во класата на проф. Ј. Рост. Магистрира на Државниот конзерваториум за музика во Солун, Грција, каде прво работи со проф. Г. Рајхенбах, а завршува во класата на проф. К. Коциолис. Покрај многубројните концерти во текот на своето 20-годишно занимавање со музика во Македонија, Хрватска, Германија и Грција, учествува на бројни меѓународни семинари кај светски познати гитаристи како А. Дезидерио, Л. Јанг, О. Асад, Т. М. Перинг, Е. Битети, З. Краишник, Х Кепел, Т. Фелоу, М. Рост итн. Настапува како солист со многу камерни оркестри и со Оркестарот на Македонската филхармонија. Како член е на дуото “Chili” заедно со А.Ќотошев, го издава албумот “Лирска пајажина” . Своето работено искуство како педагог го започнува во приватно музичко училиште во Јена, Германија и го продолжува во средното музичко училиште “Станислав Бинички” во Лесковац, Србија. Моментално е редовен професор по гитара во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” и доцент на Факлутетот за музичка уметност во Скопје. Член е на Хрватското здружение на гитарски педагози (HUGIP). Тој е добитник на наградата од Здружението на музички и балетски педагози на Македонија за успешна едногодишна работа во областа на педагогијата. Неговите ученици се добитници на награди на меѓународни натпревари. Негов ангажман во Центарот ЕВА се часовите по класична и соло гитара.

Тереза Бабамова, сонолог и виолинист, започна со свирење виолина од 10-годишна возраст. Своето нижо и средното образование го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски - Луј” во Скопје, во класата по виолина кај проф. З. Марковиќ, а додипломските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2000 година на гудачкиот оддел-виолина во класата на проф. Р. Димитрова. За време на школувањето е активен учесник на мастерклас семинари во земјава и во странство кај реномирани педагози по виолина, како што се маестро Ј. Кожарски, Германија, Ј. Шандор, Унгарија, проф. С. Бадивуку и проф. Б. Димчевски, Македонија и други. Има богата оркестарска активност на полето на камерната и симфониската музика во повеќе младински ансамбли, а подоцна и во оркестарот на Македонската опера и балет и ансамблот Арко. Паралелно следи предмети и курсеви од одделот композиција. Нејзина композиција прозвуче и на манифестацијата Денови на македонска музика. Магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот сонологија во 2004 година под менторство на проф. д-р Д. Бужаровски. Оттогаш електронската музика и снимање стануваат составен дел на нејзината изведувачка и педагошка практика. Од 2002 година почнува активно да се занимава со педагошка дејност, најнапред во интернационалните училишта НОВА, а подоцна и во приватното училиште Прима Данца. За време на професионалната активност во НОВА навлегува и го практикува популарниот метод за изучување виолина од најрана возраст, Сузуки. Овој метод веќе со децении масовно се практикува и дава извонредни резултати врз музичката култура во САД, култивирајќи ги музичките способности кај најмладите: спонтано, како што го учат и својот мајчин јазик. Специфичните обработки и изведби на џез, поп и латино американски песни ги применува во работата со возрасните почетници. Нејзиниот ангажман во Центарот ЕВА се часовите по виолина, стилски и методолошки прилагодени на возраста и можностите на ученикот.